ВМРО-Народна партија упатува порака и јасен став дека ќе гласа за измена и дополнување на Уставот се со цел, како што велат, конечно затворање на децениските проблеми на државата и конечно отпочнување на официјалните пристапни преговори за влез во Европската унија со отворањето на кластерите и реализација на потребните реформи.
„Уште еднаш должни сме да кажеме дека со овие предлог уставни промени конечно Северна Македонија ќе добие избалансиран Устав кој во никој случај не го загрозува идентитетот, кој ќе не ослободи од багажот и потешкотиите со кои се соочуваме веќе години наназад, а притоа и ќе ни го отвори патот кон Европската унија“, велат од ВМРО-НП.
Според партијата овие измени и дополнувања на Уставот се само уште еден чекор напред кон остварувањето на многугодишната заложба за приклучување на Северна Македонија кон Европското семејство.
– Ова е важен и охрабрувачки чекор кон зацврстување и интензивирање на аспирациите за полноправно членство на Северна Македонија во Европската унија, велат од ВМРО-НП.
Партијата уште еднаш упати апел до сите пратеници да преземат одговорност за иднината на Северна Македонија и го изберат вистинскиот пат.
– Северна Македонија конечно го отпочне процесот на интегративни реформи диригиран од поглавјата кои допрва ќе треба да се отвараат, се додава во соопштението на ВМРО-НП.