Костадиновска-Стојчевска: Изложбата „Подемот и падот на Скопје“ е потврда за добрината, хуманоста и солидарноста на човештвото

Изложбата „Подемот и падот на Скопје“ е потврда за добрината, хуманоста и солидарноста на човештвото
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

По повод одбележувањето на 60-годишнината од катастрофалниот земјотрес што го погоди Скопје во 1963 година, а во рамките на проектот „Скопје во пет и седумнаесет“, денеска во Музејот на современата уметност е отворена дигиталната изложба на Државниот архив, „Подемот и падот на Скопје“.


Изложбата на Државниот архив, преку 300 фотографии и документи видени низ објективот на Киро Горгиевски, тогашен хроничар и официјален фотограф во Градското собрание, дава жива слика за уништувањето, закрепнувањето и обновувањето на градот по земјотресот.

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска на отворањето на изложбата, во присуство на претседателот на државата Стево Пендаровски, претставници на дипломатскиот кор, како и голем број личности од јавниот и од политичкиот живот, изрази благодарност до сите за чувањето на споменот за Скопје, и на трагичниот 26 јули 1963, денот кога, како што кажа, по „страотна пресуда на природата, загина градот на Вардар“.

„Скопје беше во пепел, во урнатини… ја допре Скопје смртта, но никогаш не призна пораз. Благодарение на неговите граѓани, благодарение на храбрите луѓе, благодарение на своите пријатели, благодарение на добрината, хуманоста и солидарноста на човештвото. Зашто на веста дека Скопје се урна, светот одговори – не сте сами, повторно ќе го изградиме“, рече Костадиновска-Стојчевска.

Таа потсети дека тогаш Скопје загуби 1070 свои жители, загуби речиси 80 проценти од домовите и од инфраструктурата на градот, но и дека градот по падот, и подадената рака од пријателите од целиот свет, го започна својот подем.

„Му подадоа рака врвни архитекти и градители со светско реноме. Го градеа, рамо до рамо, и домаќините и странците, кои во таа трагедија ни станаа пријатели засекогаш. На повикот на Обединетите нации се одзваа многубројни држави да ѝ помогнат или да го потврдат своето пријателство кон тогашната југословенска Република Македонија. И денес сме им благодарни. Никој не може и не треба да биде сам“, истакна министерката за култура.

Како што рече Костадиновска-Стојчевска, Скопје тогаш почувствува многу пријателство и љубов од целиот свет, а за тоа е потврда и објектот на Музејот на современата уметност.

„Со љубов за Скопје и за скопјани, овој прекрасен објект, Храмот на современата уметност, подарено здание од пријателскиот народ на Полска за пријателите од Скопје, е дом и на подарените дела од земјите од Вишеградската група, како и на дела од уметници од целиот свет“, рече министерката за култура.

На отворањето на изложбата, присутните ги поздрави и претседателот на државата, Стево Пендаровски. Во своето обраќање, тој истакна: „Она што е вредна поука од трагичноста на земјотресот е дека најважно од сѐ е да бидеме солидарни и сочувствителни кон нашите соседи и сограѓани, а во исто време, отворени кон новата урбаност и новите идеи за да креираме амбиент за живеење во кој ќе бидеме слободни и почитувани.“

Амбасадорот на Полска во земјава, Кшиштов Гжелчик, од името на дипломатскиот кор, истакна дека планот за реконструкција на Скопје е еден од најсветлите примери на меѓународна соработка.

„Обединетите нации создадоа посебна програма за обнова на Скопје, предводена од полскиот архитект Адолф Циборовски, а архитекти и урбанисти, како Станислав Јанковски и Кензо Танге, ги обликуваа и ги поставија насоките за развојот на Скопје во следните децении“, рече амбасадорот.

Во знак на сеќавање на дотогаш невидената солидарност во светот, министерката Костадиновска-Стојчевска, оддавајќи им почит на оние што заминаа, на оние што спасуваа, на оние што градеа, на амбасадорите од земјите донатори им додели благодарници.

Посетителите во Музејот на современата уметност освен изложбата „Подемот и падот на Скопје“ на Државниот архив имаа можност да проследат и видео-проекции од Кинотеката на Северна Македонија, како и да ги погледнат делата од изложбата „Дефрагментација“ на земјите од Вишеградската група.

Настанот во Музејот на современата уметност е дел од проектот на Министерството за култура и Владата на Северна Македонија за одбележување на 60-годишнината од земјотресот во Скопје.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK