Северна Кореја продолжи да развива нуклеарно оружје и да произведува нуклеарен материјал во 2023 година, избегнувајќи ги санкциите на ОН кои имаат цел да се прекине финансирањето на нуклеарните и балистички ракетни програми на Пјонгјанг, се вели во необјавен извештај на ОН во кој имале увид западни медиуми.
„По рекордното ниво на кибер кражба во 2022 година, проценето на 1,7 милијарди долари, хакерите од Северна Кореја, наводно, продолжиле успешно да таргетираат криптовалути и други финансиски размени на глобално ниво“, напишаа независните набљудувачи на санкции во извештајот до Советот за безбедност на ОН. Набљудувачите, кои известуваат пред Советот двапати годишно, претходно ја обвинија Северна Кореја дека користи кибер напади за да помогне во финансирањето на нејзините нуклеарни и ракетни програми. Северна Кореја ги отфрли обвинувањата за кибер напади.