Десетина пријави за надминување на гранични вредности на бучавата стигнале до секторот за инспекциски надзор во општина Куманово, за два дена, информираа денеска надлежните. Најголем дел се однесуваат на работата на угостителски објекти, кафе барови и ресторани, на звуците од музика при свадби.
Општината претходно ги повика кумановци да пријават бучава. Во соопштението се наведува дека за нарушување на јавен ред и мир и бучава над дозволени граници во период од 15:00 до 18:00 часот и од 23:00 часот до 06:00 часот да пријават на 192, додека за бучава над дозволени граници од угостителски објекти или индустриски објекти граѓаните треба да пријават на 031 414 375 во инспекциските служби при Општина Куманово во период од 8:00 до 15:00 часот, секој работен ден или на е-пошта: [email protected].
– Анализите на стручните и нашите податоци од локалниот акциски план покажува дека Куманово најмногу е изложено на бучава. И претходно беше пракса и се јавуваа граѓаните. Сега се пожалија на бучава на угостителски објекти после 23 часот, свадбите што се прават на отворено. Се пожалија и на нарушување на јавен реди и мир што го регулира МВР. Ќе се интензивираат надзорот, иако имаме и редовни надзори. Ќе провериме колку се почитуваат. Ако не се почитуваат ќе дадеме препорака за одземање на дозволите, изјави раководителот на секторот, Бобан Бојковски.
Постојат два вида бучава индустриска и комунална. Граѓаните се жалат на нарушување на јавниот ред и мир после 23 часот. За бучавата предизвикана од сообраќај граѓаните треба да пријават во полиција.
– За да се подобри состојбата потребна ни е реорганизација на инспекциските служби, заеднички настап на службите, како што е најавена одредена реформа за сите инспекциски служби да бидеме под едно тело. Граѓаните не ги интересира кој е надлежен туку само да се реши проблемот. Се случува граѓаните да се деморализираат откако ќе пријават и ќе се им се посочи дека за некои пријави не е надлежен одреден орган додава Бојковски.
Годишниот извештај за квалитетот на животната средина за 2022 година, кој го објави Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) покажа дека кумановци постојано се изложени на бучава која ги надминува граничните вредности. Според податоците, најбучно е во поширокото централно градско подрачје. Лекарите со години предупредуваат дека бучавата предизвикува вознемиреност, нарушување на сон, што влијае врз здравјето на граѓаните.