– Градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски, во Фејсбук објава соопшти дека денеска имал средба со Татјана Ковачич, овластен министер во амбасадата на Словенија во земјава, каде што истакнал дека Општина Гази Баба е подготвена да донира финансиска помош за справување со последиците од поплавите, како и да испрати два тимови на луѓе да помогнат на засегнатите граѓани.
– Согласно разговорот од средбата, ја информирам јавноста и граѓаните дека ќе поднесам иницијатива до Советот на општина Гази Баба за доделување на финансиска помош за Република Словенија, а во консултација со надлежните институции ќе ја разгледаме можноста за испраќање на два тимови кои ќе помогнат во справувањето со последиците, напиша Стефковски.
На својата објава тој додава дека Република Словенија ја покажа својата хуманост и солидарност со директна помош во 2016та година, кога Општина Гази Баба беше погодена од поплава која нанесе сериозна материјална штета, а за жал однесе и човечки животи.
– Општина Гази Баба не заборава кој подал рака, тогаш кога ни било најпотребно, подвлече Стефковски.