Повеќе од 130 пилоти од 21 држав а се дел од 23-тото Светско првенство во змејарство што во наредните две недели ќе се одржува во Крушево. Првенството кое беше пригодно отворено синоќа е највисоко рангирано на кое Крушево е домаќин и е од големо значење.
-Станува збор за спорт кој луѓето го практикуваат и за слободно летање и секогаш им е во интерес да посетат места каде се одржало светско или европско првенство, каде се одржуваат големи натпревари, посебно во ситуации кога тие се успешни. Значи сме имале доста успешни денови, многу денови летачки, многу добри резултати, врвните пилоти биле тука, поранешни и актуелни светски прваци, рече на отворањето Иван Луканов, организациски директор на натпреварот.
Првенството било подготвувано уште од 2019 година, но ковидот го спречил неговото одржување. Годинава Крушево заслужено ја доби можноста да се покаже како организатор.
-Со самото тоа што Крушево е домаќин на едно вакво големо првенство, тоа многу значи за градот, за градење на имиџот на Крушево како многу атрактивна дестинација за овој спорт, рече Владимир Баракоски, претседател на Воздухопловна федерација на Македонија.
Големото првенство ги раздвижува уште повеќе туризмот и економијата на Крушево кое вложува максимални напори за развој на алтернативниот туризам кој носи многу гости.
-Крушево како дестинација за сите 4 сезони го промовира зголемувањето на понудата во алтернативните форми за туризам, која е многу подоходовна за локалната економија. Значи, искористување на сите уникатни и природни ресурси. Крушево од град кој беше непрепознатлив на мапата за адреналински туризам, денес е трета светска дестинација за змајарство, изјави Томе Христоски, градоначалник на Крушево.
Натпреварот се состои во воздушни трки и кој побрзо ќе ја помине зададената дестинација.
-Значи, како задача се дава курс за трките, кој може да биде во рамките од 200 километри и се потребни 3 до 4 часа за да се комплетира. Ова се змејови, летаат многу побрзо од параглајдерите, поаеродинамични се, имаат поголеми можности и се во две категории. Целта на тие летала и на спортистите е да го покријат тој курс што ќе биде зададен за што пократко време, објаснува Горан Димишкоски, спортски директор на натпреварот.
Натпреварите во рамките на Светското првенство во змејарство во Крушево ќе траат две недели.