Приведен e криумчар од Скопје, откако во возило биле пронајдени 10 мигранти, соопшти денеска Министерството за внатрешни работи.
– На автопатот Куманово – граничен премин „Табановце“, пред село Табановце, вчера во 15.55 часот, полициски службеници од Полициската станица за граничен надзор Сопот го лишиле од слобода Б.Ц., на возраст од 35 години, од Скопје. При преглед во возилото „фолксваген пасат“ со скопски регистарски ознаки, биле пронајдени 10 лица, мигранти од Сирија, меѓу кои тројца малолетници, се појаснува во соопштението.
За настанот бил известен јавен обвинител, а мигрантите биле сместени во прифатно – транзитен центар во Табановце.
Б.Ц. бил задржан во полициска станица. По целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.