– Поголема група граѓани, жители на грчкиот остров Парос, Грци, но и странци, минатиот месец го кренаа својот глас против нелегално „окупираните“ плажи со лежалки и чадори од баровите, надвор од законски одредениот простор со концесиите, одржаа низа протести на плажите, нешто што веројатно се случува прв пат во земјата, но веќе извојуваа неколку мали, но важни победи, а еден од членовите на Движењето за слободни плажи, за МИА вели дека нивното барање е едноставно: да се спроведе законот.
Движењето на граѓани за слободни плажи од Парос, кое веќе извесен период е главна тема во Грција, започна од популарниот Кикладски остров и веќе се чини дека зазема големи размери, поттикнувајќи граѓани низ цела Грција да организираат идентични активности за да побараат спроведување на законот што се однесува на доделените концесии за бич баровите на плажите.
Дописничката на МИА од Атина поразговара со Дамианос Гавалас, член на Движењето, кој објаснува дека се започнало „на еден автентично аматерски начин“, кога граѓани кои го сакаат Парос и се грижат за островот, поттикнати од истакната личност од културното здружение „Архилохос“ упатил повик преку социјалните мрежи токму прашањето поврзано со плажите.
Веднаш следел и првиот мирен и масовен протест за кој Дамианос објаснува дека она што ги обединило било бес, огорченост, но и дека оваа ситуација не може веќе да продолжи.
– Проблемот е во тоа што многумина „бизнисмени“ дејствуваат неконтролирано. Не постои никаква државна структура за надзор, за контрола, што ќе им изрече санкции. Не само тука, туку на многу места во Грција. Бараме да се спроведе законот. Малку звучи чудно, но така е. Бараме законитост. Бараме од надлежните власти да го следат спроведувањето на законот, бараме да си ја вршат нивната работа, вели членот на Движењето од Парос.
Објаснува дека во конкретниот закон за плажите постојат нејасности во однос на поделбата на одговорностите на надлежните органи и затоа бараат законот да биде изменет и да биде поедноставен.
Во движењето за слободни плажи не се вклучени само Грци, туку и странци кои живеат на Парос, кои го сакаат островот, кои, како што вели Гавалас, се луѓе кои кога се преселиле на Парос ситуацијата била многу поразлична и ги повредува актуелната состојба, дури и повеќе од Грците.
– Овие луѓе имаат инвестирано во островот, не финансиски, туку нивниот живот е тука. Се имаат преселено тука, живеат со години на островот. Некои сонуваа да поминат убав и мирен пензионерски живот овде. Се соочуваат со кое се соочуваме и ние. Не можат да отидат да се искапат во морето. Секако дека се со нас и ни даваат многу сила, вели членот на Движењето од Парос.
Од друга страна пак, се и туристите кои со изненадување гледаат протест на плажа, но и со исто толку голема изненаденост реагираат, Гавалас, кога ќе слушнат дека всушност се сончаат на нелегално поставени лежалки.
– Во нивните очи гледаме уште поголема изненаденост кога им објаснуваме дека тоа што се случува на плажата е целосно нелегално. Отидовме на две плажи на Парос каде што сите чадори и лежалки беа нелегални, сите. Воопшто не постоеше лиценца. Изненадени се како може во земја членка на Европската Унија да се случува ова. Но, ете се случува, коментира Гавалас за МИА.
Но, овој феномен, „бич барови и бизнисмени кои своеволно си се прошириле на плажите вон законски доделените концесии се чини дека не е присутен само на Парос, туку и на многу други места низ цела Грција, особено на популарни туристички дестинации.
Токму затоа и граѓанските движења полека се шират низ Грција, преку социјалните мрежи веќе се организираат исто како и оние на Парос, а Гавалас вели дека се во фаза на поврзување со луѓе од другите острови и други места.
– Индикативно, во изминатите денови разговарав со луѓе од Родос, Сирос, Наксос, од Јанина што не ни има море и од други места. Постојат силни Движења на граѓани на Тинос, Крит, Лефкада, Халкидики, Кавала, барем од она што знам јас. Очигледно дека се шири, бидејќи луѓето се соочуваат со исти проблеми и секако во некои места е уште полошо, вели членот на Движењето на граѓани за слободни плажи од Парос.
Се интензивираат контролите на плажите во цела Грција
По активностите на Движењето на граѓани за слободни плажи на Парос, министерот за национална економија и финансии на Грција Костис Хаѕидакис во средата издаде наредба за интензивирање на инспекциите на плажите, или по службена должност или по претставки од граѓаните, за да се обезбеди почитување на одредбите предвидени со договорите за концесија и за прекршителите да се воведат пропишаните санкции.
Од 21 до 24 јули на островот Парос, по поднесените претставки од граѓаните за две плажи, биле извршени контроли и констатирани значителни прекршоци и веднаш биле издадени протоколи за отстранување на три бизниси од конкретните плажи, што воедно беше и победеа и исполнување на барањата на конкретното Движење.
Хаѕидакис истакна дека нивната цел е да се почитуваат законите и потпишаните договори за плажите доделени од државата, а оние кои не го почитуваат тоа нема да бидат поштедени.
Гавалас вели дека реакцијата на државата е задоцнета, бидејќи оваа ситуација постои многу години и се прашува како досега политичарите не биле запознаени со конкретниот проблем, но паралелно изразува надеж дека контролите ќе продолжат во целата држава.
– Државата реагираше бидејќи постојат реакции и бидејќи е малку тешко да кажат дека не е во право движењето кое бара спроведување на законот. Очекуваме дека државата нема да остане на зборови и ќе покаже решителност, но не само на Парос, туку и во целата држава, истакнува Гавалас за МИА.
Движењето на граѓани од Парос за слободни плажи на социјалните мрежи веќе има над 8.700 поддржувачи, бројка што секојдневно се зголемува со граѓани од сите делови на Грција.
Сања Ристовска
Фото: Официјална ФБ група на Движењето на граѓани од Парос за слободни плажи