Под покровителство на општина Дебар почна традиционалниот турнир во мал фудбал.
Натпреварите се одржуваат во големата спортска сала а во трката за годинешниот трофеј се 12 екипи. Финалниот натпревар ќе се одржи на 11 месецов во 21 часот.
Турнирот кој е во рамки на повеќето предвидени активности од манифестацијата “Дебарско лето 2023”, за отворен го прогласи градоначалникот Хекуран Дука.
– Топол и искрен поздрав до публиката и сите учесници. Порачувам натпреварите да минат во спортски дух и нека победи најдобриот во фер натпреварување. Како локална власт ветувам дека ќе продолжиме да ја поддржуваме оваа, но и сите спортски и културни активности, рече меѓу другото Дука.
Посебна благодарност, за присуството на трибините, упати до иселениците кои се тука во родниот крај, каде ги минуваат одморите.
Ова е последователна спортска активност во градот, во рамки на “Дебарско лето 2023”.
Претходно се одржа тенискиот турнир, на кој во конкуренција на 22 натпреварувачи најдобар беше и пехарот го доби Емин Врзиволи, познат стоматолог од Дебар.