Градоначалникот на Општина Маврово и Ростуше во својот кабинет имаше средба со доктор Армен Жерноски асистент – истражувач во Јавната научна установа – Институт за национална историја – Скопје, Одделение за историјата на Македонија за време на османско – турското владеење.
– На мое огромно задоволство денеска остварив средба со д-р Жерноски при тоа со посвета на подарок ја добив неговата скоро објавена книга „Реканската каза во османлиските архивски документи од XIX и почетокот на XX век”, информираше Куртовски.
Предмет на оваа монографија се социо-политичките состојби во Реканскиот регион во периодот на XIX до почетокот на XX век, истражени врз основа на османлиските архивски документи.
– Основната цел на ова дело е преку изложување на архивски документи да се истакнат некои аспекти од историјата на Реканскиот регион што досега не биле истражени. Освен ова, изложени се и барањата и молбите од страна на месното население до соодветните државни институции од тој период, вели Куртовски.
Според него, впечатлива е и насловната слика на која се наоѓаат објектот во село Жировница каде што се наоѓало седиштето на Реканската каза, мостот Елен скок, Бигорскиот манастир и старата џамија во село Ростуше, се тоа опкружено со планини и ливади.
-Посебно ме радува што д-р Армен Жарноски, по потекло од село Жировница, ја истражува историјата на реканскиот регион во минатото и преку своите книги со потврдени историски аргументи ќе остави трага и воедно ќе ги збогати нашите познавања за реканскиот крај. Веруваме дека во иднина ќе има уште многу вакви истражувања и објавени книги со кои ќе се зголеми фондот на книги посветени на реканскиот регион, наведува тој.
Д-р Армен Жарноски е автор и на книгата “Богомилството и суфизмот во Македонија и на Балканот (X-XVI век): историски паралели”.