Вучиќ: Не играм двојни игри, ниту за БиХ ни за Косово

vucik
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека Србија секогаш го почитува територијалниот интегритет на БиХ, Дејтонскиот договор и Уставот, како и правата на трите конститутивни народи и два ентитета во БиХ, нагласувајќи дека не игра двојни игри околу БиХ, како ни за Косово, јави дописникот на МИА од Белград.

-Секогаш сум многу чесен и искрен. И никогаш не играм никакви двојни игри, ниту за прашањето за Босна и Херцеговина, ниту за прашањето на Косово и Метохија, ниту за ништо друго, изјави Вучиќ за сараевски „Аваз“.


Тој изјави дека Србија е подготвена да им помогне на сите, но дека граѓаните на Република Српска ја бараат и очекуваат нејзината помош и поддршка, додавајќи дека Србија ќе им помогне на луѓето од РС, но и на оние од бошњачката средина.

-Да речеме, ако ме прашувате за конзулати, ако сакате да отворите конзулат на БиХ во Ниш, Крушевац, повелете. Во Нови Пазар ги дадовме сите дозволи, ете, што и да посакате, може. За нас тоа е прашање на нормални, рационални национални односи, рече Вучиќ.

Претседателот на Србија оцени дека „има непотребни приказни за бесмислени заговори кои ги делат народите“.

Запрашан за американските санкции против српските функционери, како и директорот на Безбедносно-информативната агенција (БИА) Александар Вулин, Вучиќ рече дека не сака да зборува повеќе за тоа и само изјави дека треба да се најде решение како да се надминат економските и политичките пречки кои произлегуваат од тоа.

Тој ги отфрли шпекулациите дека Србија е „фактор на нестабилност во регионот“ и нагласи дека иницијативата „Отворен Балкан“ е иднината и дека се зависи од тоа колку паметни луѓе во регионот ќе се соберат околу таа идеја.

Според Вучиќ, „проблеми создаваат само луѓе кои копнеат по конфликти за да можат конечно да бидат нешто, бидејќи не можат да бидат ништо во мир“.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK