– Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ упати честитка по повод големиот државен празник Илинден – Денот на Републиката, до сите македонски граѓани, со желба за напредок на државата и просперитет на сите полиња и подобар живот за граѓаните.
-Денес го прославуваме еден од најзначајните празници на македонскиот народ, ги чествуваме македонскиот идентитет, македонската државност и мултикултурното заедништво во нашата татковина.
120 години после крушевскиот Илинден и 79 години после АСНОМ-скиот Илинден, подготвени сме со умеење и знаење да ја внесеме нашата македонска држава во Унијата која ги почитува идентитетските белези, разликите и современите вредности на модерното живеење, истакнува Маричиќ.
Илинденските идеали и денеска, како што нагласува Маричиќ, повикуваат на државност, одлучност и единство пред новите предизвици.
-Патот што го избрале илинденците е стремеж кон иднината, кој водел кон победа и успех. Сега нам ни е редот, да останеме верни на вредностите на двата Илиндени и горди и признаени да ја живееме европската иднина, истакнува Маричиќ во честитката.
Тој посочува дека денес живееме во време кога сме обврзани со нашите одлуки и здружената посветеност на нашиот народ да градиме држава по европски терк.
-Со желба и увереност за прославување на нови важни моменти од нашата интеграција, го честитам празникот Илинден, големиот македонски празник. Во духот на Илинден, посакувам нашиот народ да стане дел од Европската Унија, да доживува просперитет на полето на културата, економијата, образованието, социјалната политика и да имаме подобар заеднички живот. Нека ни е честит Илинден на сите македонски граѓани, стои во честитката на вицепремиерот Маричиќ.