Грчката владејачка партија Нова демократија ги поддржа кандидатурите за втор мандат на актуелните градоначалници на Атина, Солун и Пиреас, Костас Бакојанис, Констанинос Зервас и Јанис Моралис во пресрет на локалните избори во октомври, јави дописничката на МИА од Атина.
Од Нова демократија соопштија дека поддршката е со одлука на претседателот на партијата и актуелен премиер на Грција Кирјакос Мицотакаис.
Бакојанис, кој е син на поранешната министерка и пратеничка од Нова демократија Дора Бакојани и внук на Мицотакис, на локалните избори во 2019 година првпат беше избран за градоначалник на Атина, а сега ќе се бори за втор мандат од граѓаните.
Во периферијата Атика, поширокиот регион на Атина, Нова демократија ја повлече поддршката за втор мандат на актуелниот префект Јоргос Патулис и го предложи заменик-министерот за одбрана Никос Хардаљас.
Поддршката за Патулис беше повлечена откако на социјалните мрежи во четвртокот беше споделено видео на кое актуелниот префект на Атика танцува традиционален грчки танц на настан во Атина, во моментите кога во земјата беа активни низа големи пожари и на само два дена по загинувањето на двајцата пилоти на Канадерот што се урна додека интервенираше во пожарот на Евија.
Локалните избори во Грција ќе се одржат на 8 и 15 октомври.