Товарниот брод кој од вторникот вечерта гори крај холандскиот брег превезувал речиси 500 електрични возила, значително повеќе од 25-те како што беше првично наведено, објави денеска компанијата за изнајмување бродови „К Лајн“.
„Во пожар на товарниот брод „Фремантл хајвеј“, регистриран во Панама, кој превезувал нови автомобили, загинал индиски член на екипажот, а повредени се седум членови на екипажот кои скокнале во морето за да се спасат. На бродот имало 3.783 возила, вклучително и 498 електрични возила“, изјави портпаролот на токиската K Line (Kawasaki Kisen Kaisha), која го изнајми бродот.
Тој не сакаше да открие ништо за марките на автомобилите или дали бродот превезувал јапонски автомобили. Крајбрежната стража вчера на својата веб-страница објави дека причината за пожарот е непозната, но на снимката на холандската телевизија RTL се слуша како лице од службата за итни случаи вели дека „пожарот започнал во батерија на електричен автомобил“.
Литиум-јонските батерии на електричните возила горат со двојно поголема енергија од вообичаениот пожар, а поморските власти и осигурителите велат дека индустријата не успеала да држи чекор со ризиците. Панамските поморски власти започнаа истрага, а Холандија помага во истрагата, објави холандскиот одбор за безбедност.
Товарниот брод долг 199 метри се уште гори и плови на околу 17 километри од најсеверниот холандски брег, соопшти крајбрежната стража. Тој отплови од Германија до Египет, а агенцијата ДПА посочува дека последната дестинација бил Сингапур.