Судија во Хонг Конг денеска го отфрли барањето на локалната власт за забрана на продемократската песна „Слава на Хонг Конг“ (Glory to Hong Kong), која беше создадена за време на големите протести во 2019 година на територијата на градот.
„Не сум убеден дека е праведно и правилно да се одобри таа забрана. Предлогот е одбиен“, рече судијата Ентони Чан во својата пресуда.
Во јуни, извршната власт во Хонг Конг поднесе барање да се забрани емитување или изведба на песна од анонимен автор бидејќи „ги поттикнува другите на отцепување или бунт“.
Властите потоа решија да се обратат до судството бидејќи таа песна постојано се пееше наместо кинеската национална химна на спортски настани во странство.
Судијата објасни дека забраната на песната ќе предизвика загриженост за слободата на говорот.
Песната, која стана химна на продемократското движење во Хонг Конг, стана популарна за време на масовните протести во 2019 година кога милиони луѓе излегоа на улиците барајќи слобода.