Годишната стапка на инфлација во вториот квартал од годинава забавува, се посочува во кварталниот извештај што го усвои Советот на Народната банка.
– Во однос на остварувањата, растот на домашната економска активност забрза, малку посилно од очекувањата според последните проекции, а најновите високофреквентни податоци за вториот квартал од 2023 година упатуваат на натамошен раст на економската активност во вториот квартал од годината, но поумерен. Годишната стапка на инфлација дополнително забави и на крајот на вториот квартал изнесуваше 9,3 проценти, што е во согласност со априлската проекција, се наведува во извештајот.
Надворешната позиција на економијата, оценува Народната банка, се подобрува, поради што девизните резерви се одржуваат во сигурната зона. Во првиот квартал од годинава, тековната сметка на платниот биланс бележи суфицит, а поволните движења во тековните трансакции, како што се наведува, се резултат на позитивните остварувања кај сите категории, но во најголем дел поради намалениот дефицит во размената на стоките со странство, пред сѐ поради понискиот увоз.
Поволни придвижувања има и кај монетарните податоци. Годишниот раст на депозитите и натаму забрзува и остварувањата се подобри од очекувањата според априлската проекција. Поволни придвижувања и од аспект на рочната и валутната структура на штедењето (раст на долгорочните и на денарските депозити). Банките обезбедуваат кредитна поддршка за домашната економија, но растот е поумерен и малку подобар од очекувањата.
– И покрај остварувањата, ризиците за економските изгледи сѐ уште постојат и произлегуваат од развојот на војната во Украина, геополитичките тензии во глобални рамки, силината на затегнувањето на финансиските услови, како и од евентуалните понатамошни превирања во финансискиот сектор. Народната банка внимателно ги следи макроекономските податоци и ризиците и е подготвена да ги употреби сите неопходни инструменти и да презема мерки со коишто ќе се придонесе за задржување на стабилноста на девизниот курс, стабилизирање на инфлациските очекувања и за ценовна стабилност на среден рок, се наведува во извештајот.
На седницата на Советот усвоена е и Годишната информација за плаќањата во земјава во 2022 година. Според податоците, во овој период евидентирани се 195 милиони платежни трансакции, што е годишен раст од 6,8 проценти, што речиси во целост произлегува од засилениот раст на бројот на трансакции со платежни картички за 13,1 порценти.
– Со тоа, нивното учество во вкупниот број безготовински трансакции достигна значителни 62,1 проценти, при истовремено зголемување и на вредноста на овие трансакции за 18,7 проценти, се вели во кварталниот извештај.