Четири пријави за измами при купување огревни дрва евидентира кумановската полиција од почетокот на годинава, соопштија денеска од СВР Куманово. Последната измама беше регистрирана пред три дена кога 65-годишна жена пријавилa дека била измамена од лице за сума од 10.000 денари при набавка на огревни дрва.
– Според пријавеното, лицето ѝ понудило огревни дрва и откако се договориле, нејзиниот сопруг со лицето се упатиле на местото каде наводно биле складирани. Како што е пријавено, откако пристигнале лицето му кажало дека ќе оди да донесе пила за сечење на дрва, но дошло кај неа и ѝ кажало дека нејзиниот сопруг рекол да му ги даде парите. Подоцна нејзиниот сопруг се вратил без дрва, по што сфатиле дека се измамени. Се преземаат мерки за расчистување на случајот, соопштија од полицијата.
На подрачјето на Куманово лани беа евидентирани 14 измами. Од полицијата објаснуваат дека сторителите доаѓаат во домовите, обично на повозрасни лица, ги доведуваат во заблуда со лажно прикажување на факти дека продаваат огревни дрва, ги наведуваат да им ги платат дрвата под изговор дека камионот со дрва е во близина и дека дрвата ќе им бидат донесени, ги земаат парите, не им носат дрва и заминуваат.
– СВР Куманово континуирано презема превентивни мерки и апелираме до граѓаните да бидат претпазливи, а особено повозрасните кога непознати лица им нудат огревни дрва за пониска цена од продажната, да не наседнуваат на измами во кои лажно се нудат услуги и сите сомнителни случаи да ги пријават на бројот 192, велат од СВР Куманово.