Ново детско игралиште наскоро ќе добијат децата околу Трговскиот центар „Зебра“ во Капиштец. Денеска ќе почне и поставување на реквизитите на местото на постоечкото, поради што тоа нема да биде во функција. Станува збор за седум нови реквизити вклучувајќи и нова гумена подлога. Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски повикува на трпеливост се до завршување на елементите кои, како што вели, ќе ги израдуваат децата.
-Во ек на летните одмори и високите температури кога детските игралишта се празни почнуваме со промена на новите реквизити на веќе руинираното детско игралиште кои ќе значат и нова радост за нашите дечиња. Затоа замолувам на трпение кај родителите и децата со цел детската игра побрзо да продолжи. Инаку новото игралиште ќе има седум реквизити и истите се донација од општествено одговорна компанија, вели Герасимовски.
Општина Центар информира дека новото детско игралиште е донација од општествено одговорна компанија која Општината ја прифатила на 26-та седница на Советот. Градоначалникот Герасимовски се заблагодарува за донацијата и ги повикува останатите компании да донираат во проекти кои придонесуваат за правилен детски развој и социјализација на децата.