Капацитетот на сите пет објекти на детската градинка „Павлина Велјанова“ од Кочани е надминат за една четвртина, а на листата на чекање има уште околу 150 дечиња.
Од детската установа е поднесено барање за согласност до Советот на Општина Кочани за зголемување на бројот на деца во сите 31 група, каде во просек треба да има место за уште по седум деца над определениот норматив.
– Во сите објекти се згрижени околу 680 деца, што е многу повеќе од просторниот и кадровскиот капацитет со кој располагаме. Поради интересот на родителите, принудени сме да бараме согласност од Општината за проширување на секоја од групите за уште по околу 40 отсто. Дополнителен проблем е што сме ограничени и со бројот на негувателки, воспитувачки и друг помошен персонал, затоа што во изминатите две ипол години во пензија заминаа 21 вработен, до крајот на годината ќе заминат уште двајца, а се пополнија само осум места. Проблем за проширување на просторните можности е што новиот објект во населбата Драчевик, со капацитет за 125 деца, две години по изградбата сè уште не е во функција поради технички проблеми при изведбата на градежните работи, истакна Јованка Ефтимова, директорка на детската градинка „Павлина Велјанова“.
Со почетокот на новата учебна година вообичаено се зголемува и интересот на родителите за згрижување на нивните деца, поради што ќе мора да се прошири и листата на чекање.
Од детската установа очекуват членовите на општинскиот Совет да имаат разбирање за состојбата и да дадат согласност за зголемување на бројот на деца во групите над веќе утврдениот норматив.