Она што го одбележа денешниот ден е тоа дека започнува историскиот процес во државата за конечно продолжување на процесот на евроинтеграции, истакна пратеникот на СДСМ Миле Талески во емисијата „Само вистина“ на Канал 5 телевизија.
Талески нагласи дека пред јавноста точно беа предложени и прецизирани уставните измени во редовна процедура, според деловник и закон, на комисијата за уставни прашања, каде беше доставен предлогот од владата, со кој се побија фамите што ДПМНЕ ги кажува повеќе од една година.
Станува збор за технички измени на Уставот, со кој не се задираат никакви идентитетски прашања на македонскиот народ не се доведува во прашање ниту македонскиот народ, ниту македонскиот идентитет и практично паѓа во вода она што ДПМНЕ го кажуваше изминатиот временски период дека ќе се случи некаква бугаризација и асимилација, рече Талески.
Пратеникот Талески нагласи дека сега е шансата пратениците избрани од граѓаните да ги стават настрана теснополитичките интереси, да не работат за лични рејтинзи за одредени лидери, туку за граѓаните.
Ние имаме подадено рака до ДПМНЕ до сите кои мислат добро на државата, целта на целиот процес е интеграција на државата во ЕУ, кога сите највисоки лидери од целиот свет, ЕУ, САД ни укажуваат дека сега е шансата која ние како држава мора да ја искористиме, а тоа е да влеземе на брзата трака за членство во ЕУ, порача Талески.
Тој додаде дека СДСМ има јасен план и очигледно ДПМНЕ покажа и докажа дека не и го мисли доброто на државата.
Стратегијата на СДСМ и коалиција е Македонија да стане членка на ЕУ. Не смееме да дозволиме да имаме внатрешна блокада од ДПМНЕ и Левица, а денешниот ден покажа дека тие работат заедно, рече пратеникот Талески, додавајќи дека ДПМНЕ досега немаа ни еден конзистентен став.
Прво велеа дека се против уставни измени, па Мицкоски кажа дека се за уставни измени, но со одредени барања, а сега предлагаат нешто друго. ДПМНЕ не смее да го држи во заложништво сопствениот народ и да продолжат да вршат изолација на Македонија и да го држат народот во грч, за Христијан Мицкоски да стане власт, нагласи пратеникот на СДСМ Миле Талески во емисијата „Само вистина “ на Канал 5 телевизија.