– Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, оцени дека денешната показна вежба на припадниците на Војската на Србија на Пасуљански ливади била многу добра и најави нови инвестиции во воена опрема, особено во беспилотни летала, јави дописникот на МИА од Белград.
-Целта на денешната вежба беше координација меѓу беспилотните летала и позициите за гаѓање на теренот за побрзо истрелување на проектили и за погодување на цели подобро, побрзо и попрецизно, бидејќи треба да се има предвид дека голем дел од нашите припадници на Војската на Србија досега немале контакт со нови средства, со оваа воена опрема и оружје. Денеска се виде колкаво засилување има за војската, пред сè, кога користиме беспилотни летала, особено кинескиот Ć-95, рече Вучиќ по присуството на показното гаѓање во рамките на последната фаза од обуката на припадниците на Војската на Србија со ново воведеното оружје и воена опрема во воениот комплекс „Пасуљански Ливади“.
„Денес се виде какво засилување има при користење дронови, особено кинеските дронови кои ја погодија целта оддалечена 7.500 километри. Уште повеќе ќе инвестираме во дронови во наредниот период. Очекуваме да пристигнат првите количества беспилотни летала камикази што ги нарачавме и набавивме пред крајот на оваа година, а ќе продолжиме да инвестираме преку Воено-техничкиот институт во сопствено производство на беспилотни летала, како оние за надзор, така и оние што ќе носат тежок товар, и проектили и тешки бомби“, порача српскиот претседател.
Вучиќ се пофали и со оклопните транспортери, новите Лазар III, нивната висока прецизност, тенковите, новата модуларна пушка.
-Лазар има подобар калибар од НАТО и советските … Ќе треба да работиме на малиот Милош, кажа тој.
Вучиќ рече и дека на новите хамери што Србија ги купила од САД поставиле дел од своја противоклопна опрема и дел од руска и западна.
-Видовте уништување на непријателски тенк на растојание од повеќе од 4 километри. Ова ви го кажувам затоа што нашиот Генералштаб постојано ја следи Украина и учиме од нивното искуство, рече Вучиќ.