25 јули 2023
Претседателот на Бошњачкиот демократски сојуз (БДС), Мунир Колашинац, во Кабинетот на Претседателството на Босна и Херцеговина, се состана со членот на Претседателството на Босна и Херцеговина, Денис Беќировиќ.
Во текот на средбата, Колашинац го информираше Беќировиќ за работата и активностите на БДС, нагласувајќи дека од 2018 година БДС активно работи на македонската политичка сцена со цел подобрување на статусот и положбата на Бошњаците во земјата.
Исто така, Колашинац го запозна Беќировиќ со активностите на БДС со намера регионално да ги поврзе Бошњаците во функција на зајакнување на бошњачките врски во балканскиот регион, но и да создаде абиент за заедничко дејствување во сите области од заемен интерес.
Колашинац истакна дека Бошњаците во Северна Македонија, како и сите Бошњаци во земјите од регионот и пошироко, ја сметаат Босна и Херцеговина за своја матична земја и со посебно внимание ги следат општествено-политичките случувања во земјата.
Колашинац додаде дека БДС, како политичка партија која ги застапува бошњачките интереси, сака подобра и поквалитетна соработка со Босна и Херцеговина, со сите нејзини политички претставници и со сите оние кои ѝ сакаат добро на Босна и Херцеговина, Бошњаците и на другите народи во земјата.
Постојат многу полиња на заеднички интерес меѓу Бошњаците во Северна Македонија и Бошњаците во Босна и Херцеговина, како и сите граѓани на двете земји, кои ги карактеризира мултиетничноста и мултикултурализмот.
Претседателот на БДС изрази надеж дека Денис Беќировиќ, членот на Претседателството на БиХ, наскоро ќе ги посети Бошњаците во Северна Македонија и дека ќе има поголема динамика во билатералните односи меѓу Северна Македонија и Босна и Херцеговина, а со тоа ќе дојде и до зајакнување на врските меѓу народите на двете земји.
Бошњачки демократски сојуз