Детскиот младински ансамбл „Срма“ од Куманово учествуваше на Интернационалниот фолклорен фестивал во Полска, Легница. На 23-тиот фестивал, советот на фестивалот го прогласи кумановскиот младински ансамбл за еден од најуспешни учесници во конкуренција од 13 фолклорни ансамбли од светот, соопштија денеска одговорните од ансамблот „Срма“.
– Настапивме со прекрасните македонски ора и песни и го презентиравме во најдобро светло и градот и државата на овој фестивал, изјави кореографот на ансамблот „Срма“, Марјан Бошковски.
Освен на фестивалот, детскиот ансамбл настапи и во десет града од Полска, а потоа и во Србија. По повод Илинден, детскиот ансамбл „Срма“ и културно уметничкото друштво „Бајрам Шабани“ на 27 јули ќе настапат пред кумановската публика на отворено пред платото на Центарот за култура со почеток во 20.30 часот. На 2 август годинава „Срма“ ќе настапи пред нашинците во Албанија.
Детскиот младински ансамбл „Срма“ со години наназад ја негува традицијата, фолклорот и ги презентира македонските ора и песни надвор од државата. „Срма“ функционира како матична форма на кумановскиот Центар за култура „Трајко Прокопиев“ и постои уште од далечната 1977 година, првин како матична форма на поранешниот „Пионерски Дом. Во моментов во ансамблот членуваат околу 100 деца и младинци кои го негуваат македонскиот фолклор.