На платото пред Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија, некогашно Еврејско маало, вечер од 20 часот ќе биде отворена изложбата „Последниот татнеж во Еврејското маало – фотографски факти низ објективот на Рафаел Алтарас“.
Изложбата е организирана по повод одбележувањето 60 години од скопскиот земјотрес во Еврејското маало и 80 години од депортацијата на македонските Евреи. Се состои од 14 паноа на кои преку фотографии е претставен животот во Скопје и скопското Еврејско маало пред земјотресот, веднаш по катастрофата и почетоците на создавањето на модерно Скопје.
Мал дел од фотографиите се од архивската документација на Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија, а поголемиот број се создадени од Рафаел Алтарас и добиени од неговиот син на подарок за Фондот на холокаустот.
Рафаел (Ратко) Алтарас е роден на 28 март 1923 година во Белград, како шесто дете на Авраам и Флора Алтарас, сефардско еврејско семејство. Во 1941 година се приклучил на партизанското движење во борбата за ослободување на земјата и бил носител на партизанска споменица 41-ва (прв борец).
-Од целото семејство Алтарас, тој и неговите две постари сестри, кои се венчале пред почетокот на војната (презимиња Димитријевиќ и Радовиќ), ја преживеале војната. По неговото ослободување, тој ја продолжил својата кариера како офицер на ЈНА и се пензионирал во ранг на полковник на ЈНА. Во периодот од 1959 до 1963 година, тој служел во скопскиот воен округ, и го доживеал скопскиот земјотрес таму – тој бил меѓу првите кои дошле да им помогнат на повредените. Бидејќи фотографирањето му било хоби и никаде не одел без фотоапаратот, помагајќи и фотографирал. Со тоа фотографиите биле создадени како автентичен запис за ужасот кој го снајде градот Скопје, соопшти Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија.
Куратор на изложбата е Жаклина Мучева. Ќе трае до 31 август 2023 и ќе биде поставена на вториот кат во Меморијалниот центар на холокаустот – изложбен салон. Влезот за изложбата е слободен.