ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје во директна соработка со Општина Сопиште во периодот од 21 до 23 јули спроведе акција за откривање на диви, нелегални приклучоци и злоупотреба на вода на територија на општината.
Како што соопштуваат од ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, акцијата е спроведена од страна на контролори на јавното водоводно претпријатие, придружувани од комунални редари од општината. Во текот на акцијата биле опфатени населените места Сопиште, Добри Дол и Ракотинци, каде не биле детектирани диви (нелегални) приклучоци.
Од скопски „Водовод“ информираат дека спроведувањето на оваа акција е со цел откривање и спречување на евентуална злоупотреба на системот за водоснабдување заради подобрување на условите за водоснабдување.
Во текот на акцијата било апелирано и укажано до населението да се придржуваат до советите за рационално користење и употреба на водата. Исто така, апелирано е да се избегнува полевање на поголеми површини и непотребно трошење на водата за полнење на базени, полевање градинарски култури и слично.
Од ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје информираат дека продолжува континуирано да работи во насока на одржување на водоснабдителниот и канализацискиот систем, негова заштита од злоупотреба како и заштита на водата за пиење од злоупотреба и нерационално користење.