Во уметничката галерија „Безистен“ вечерва ќе бидат изложени римски монети од Брегалничкиот Регион. Гордана Јанева доктор по нумизматика и вработена во Заводот за заштита на споменици (ЗЗС) и Музеј на град Штип информира дека ќе се изложи збирка монети кои луѓето ги употребувале на оваа територија, а овде се наоѓале поради транзитниот карактер на регионов и воено-историските случувања.
– Ќе бидат презентирани стотина монети, пронајдени на територијата на Брегалничкиот Регион. Уште поголемо значење на целата оваа изложба се дава, затоа што сите имаат археолошка позадина, односно пронајдени се по пат на археолошко ископување. Презентирани се монети од Римскиот империјален период. Има многу интересни примероци, бидејќи тука се наоѓаат и монетни изданија од римското провинциско монетоковање. Примероците со нивниот раритет ќе бидат, навистина, интересни за штипската поширока публика,вели Јанева.
Директорот на ЗЗС и Музеј на град-Штип, Митко Штерјов вели дека збирката од римскиот период ја поседува Музејот и истата е валоризирана како културно наследство со големо значење. Целата збирка е околу петстотини примероци, а денешниот настан на кој се изложени само стотина е во рамки на манифестацијата Штипско културно лето.
– Инаку, оваа изложба на монети на којашто автор е колешката Гордана Јанева, која е доктор по нумизматика, ја има изготвено во оваа година. Се работи за една колекција што долги години се собираше, односно се обработуваше и на крајот доби повисоко значење целата валоризација на оваа збирка, што е од големо значење. Дел од тие монети коишто се собирани, обработувани и конзервирани на крај стигнавме до фаза да ги покажеме до пошироката јавност, вели Штерјов.
Ова е претпоследна изложба во штипскиот Безистен на НУ Завод и Музеј – Штип, а во рамки на Штипското културно лето. На 28 јули, в петок, ќе бидат изложени уметнички слики од музејската збирка.