Мицкоски: Евентуалното одвојување на Северна Македонија и Албанија би било историска грешка

mickoski 2
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска во врска со можноста за одвојување на Северна Македонија и Албанија, доколку не се случат уставните измени, на што предупредуваат странски дипломати, оцени дека тоа би било уште една историска грешка и неправда.

Лоренс Бун, државна секретарка задолжена за Европа при Советот  на министри на Република Франција во разговор за МИА посочи дека уставните измени се дел од договорот што го постигнале Северна Македонија и ЕУ за да се продолжи кон автоматски почеток на процесот на пристапување. Нема други барања, рече таа, а доколку не се усвојат измените на Уставот пред крајот на годината, постои ризик од раздвојување на Северна Македонија и Албанија.


-Јас и посакувам среќа и успех на Албанија и на сите останати држави, но ако овие бирократи тоа го дозволат, ќе направат уште една историска грешка и неправда кон овој можеби малуброен народ, но горд и достоинствен народ. Ние ќе се бориме да ги подобриме лошите услови, кои оваа криминална влада им ги направи на граѓаните, изјави денеска Мицкоски по средбата со претставниците на Стопанската комора на северо-западна Македонија.

Во однос на уставните измени кои утре официјално ќе влезат во собраниска процедура, Мицкоски порача дека нивниот став останува ист и тој е поддржан од органите на партијата и од пратеничката група.

-Нашиот став е аргументиран и до сега непроменет. Не гледам причина под ваков притисок, истиот да биде променет. Тој е поддржан и од органите на партијата, од пратеничката група и очекуваме европско однесување кај нашите стратешки партнери и со една идна влада да седнеме, дел од тие околности кои се проблематични и нас не загрижуваат, да бидат променети, рече Мицкоски.

Тој потврди дека утре ќе бидат присутни во Парламентот кога ќе биде ставена точката на дневен ред, а како што рече, членовите од Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе гласаат против.

-Утре ќе бидеме присутни во Парламентот, и кога ќе биде точката ставена на дневен ред, членовите од Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе гласаат против. Така ќе биде и на самата седница кога за овие уставни измени, од работната група, предводена од Цаца Николовска доставени во Парламентот.  За да почнат уставните измени, нема никаква потреба во првиот чекор да имаме содржина на истите. Очигледно е дека овие луѓе повеќе сакаат да им слугуваат на Радев и Бугарија, отколку на македонскиот народ. Нема да поддржиме отворање на иницијатива која што во овој момент ќе значи отворање на Уставот, додаде Мицкоски.

Прашан за наводните претпоставки дека Џафери ќе ја отвори седнацата на 18 август, ќе ја прекине и одложи на неодредено време, додека не го обезбеди двотретинското мнозинство, Мицкоски појасни дека такво нешто нема да има, бидејќи како што рече, „ако мислеа дека тоа е добар политички потег, можеа изминативе година дена тоа да го направат“.

-Ако се вратиме година дена назад, истите овие луѓе велеа дека во септември ќе бидат тие измени, па помина септември, па велеа на крајот на годината, па помина и крајот на годината, па велеа во февруари. Еве, помина и јули. Овие политичари направија историска грешка за иднината на Македонија и на народот. И сега се пред уште една историска грешка. Ги предупредувам да не ја прават третата грешка по ред, а тоа е отпочнување на процедура за што немаат поддршка и нема да ја имаат. Тука не е важен Христијан Мицкоски, важни се граѓаните, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK