Повеќе од 40 згради се уништени во руското гранатирање на Одеса во текот на изминатата ноќ. Оштетени и уништени се објекти од цивилната инфраструктура, станбени блокови и приватни станбени згради, автомобили на граѓани, како и Соборниот храм Преображение на централниот плоштад во градот.
Градскиот совет на Одеса соопшти дека комуналните и спасувачките служби се ангажирани на расчистување на последиците од нападите. Одеса веќе петта ноќ е цел на руските напади. Во синоќешното гранатирање, според украинските власти, загина едно лице, а 22 се повредени, меѓу кои три деца.