– Еколошкото друштво „Голак” со загриженост ја прими информацијата за наводното загадување на река Брегалница во Делчево, кое во изминатото деноноќие, како што тврдат граѓани и риболовци, е забележано во водите на самата река.
Оттаму апелираат на преземање мерки од страна на надлежните, со цел да се расчистат сомнежите околу штетноста на сомнителните материи кои според граѓаните се забележани во речното корито.
-Апелираме да се земе примерок од водата во реката Брегалница и да се прати на испитување, со цел граѓаните да добијат одговор дали има загадување на реката, а со тоа и дали е нанесена штета на животинскиот свет во водите на реката. Со цел расчистување на оваа дилема и утврдување на фактичката состојба, бараме итна реакција од надлежните за ваквата состојба, се вели во реакцијата од Еколошкото друштво „Голак“ – Делчево.
Проблемот, како што посочуваат и спортските риболовци, константно е присутен во летните месеци.
-Секоја година се повторува истата приказна, но крајниот виновик никако да се најде. Уште еднаш повикуваме на разумност и делување на терен со утврдување на вистинските загадувачи и казна според законите за секој кој е причинител на било какво загадување, додаваат спортските риболовци.
Пред неколку години градоначалникот на Делчево поднесе кривична пријава поради помор на риби, а минатата година се вршеше испекциски надзор на дел од коритото на река Брегалница, каде спортските риболовци пријавија загадување на водите од поголеми размери.