– Косовските граѓани кои живеат и работат во западноевропските и во прекуокеанските земји минатата година во Косово испратиле 1,2 милијарди евра, односно за шест отсто повеќе одошто во 2021 година, јави дописникот на МИА од Приштина.
Според последните податоци на Централната банка на Косово (ЦБК), освен со дознаки, дијаспората придонела и за создавање нови работни места преку отворање бизниси.
Пресметките на ЦБК велат дека, преку дознаки (ремитенти), инвестиции и туризам, вредноста на придонесот на дијаспората во 2022 година во Косово достигнала 3,6 милијарди евра, што изнесува над 40 отсто од Бруто домашниот производ (БДП).
– Само во 2022 година дијаспората испрати 1,2 милијарди евра или шест отсто повеќе во споредба со претходната година. Дознаките се карактеризираат со стабилен раст со текот на годините и се безбеден извор на приходи за многу косовски семејства; Што се однесува до инвестициите, дијаспората инвестира во бизниси во Косово, придонесувајќи за економски раст и отворање нови работни места, се наведува во извештајот.
Сепак, вложувањето во недвижности е главната форма на инвестирање од дијаспората, а само во 2022 година достигна вредност од 523,7 милиони евра.
Во однос на туризмот, како резултат на блиските семејни врски, како културен, но и економски аспект, дијаспората го посетува Косово неколку пати во текот на годината, со фокус на третиот квартал од секоја година, со што придонесува за растот на туристичката индустрија преку трошење пари во хотели, ресторани и локални бизниси.
Во 2022 година, зголемувањето на бројот на посетители од дијаспората беше придружено со зголемување на нивната потрошувачка во Косово, вредност која достигна околу 1,9 милијарди евра; Тежината на дијаспората во активноста генерирана во земјава, проценета преку значајни извори на финансирање на потрошувачката и инвестициите како дознаките, инвестициите и туризмот, достигна вредност од 3,6 милијарди евра во 2022 година, што соодветствува на 40,4 отсто од БДП.