– Во спортски сали, училишта и траект закотвен на пристаништето во Родос, ја поминаа ноќта дел од туристите и жителите на островот, кои ги напуштија хотелите и домовите, а евакуациите продолжија и во текот на ноќта, поради големиот пожар во источниот и југоисточниот дел на островот, кој веќе шести ден е вон контрола, јави дописничката на МИА од Атина.
Грчкиот остров помина пеколна ноќ со континуирана разгорувања, а евакуирани се илјадници туристи, како во текот на вчерашниот ден, така и во текот на ноќта.
Преку бројот 112 за итни случаи кусо пред полноќ беше испратена порака до оние кои се наоѓаат во три туристички места во источниот дел на островот, додека пак два часа подоцна евакуација беше побарана од уште три села.
Евакуациите се вршеа пред се по морски пат, со помош на бродови и чамци на крајбрежната служба, а засега, официјално не е позната бројката на евакуирани. Заклучно со синоќа процените беа дека од плажите, на безбедни локации биле пренесени околу 2.500 лица.
Според портпаролот на противпожарната служба на Грција Јанис Артопиос активни се три жаришта на островот, интервенираат 226 пожарникари со 16 пешадиски тима и 49 возила, а со првите зраци на сонцето, започна и гаснењето на пожарот со воздушните средства со десет авиони, меѓу кои и оние од Хрватска, Турција и Франција, како и т хеликоптери и еден Супер пума кој е за координација.
Владин тим веќе е на островот, а од грчкото МНР синоќа соопштија дека по наредба на министерот за надворешни работи, се активира Единицата за управување со кризи на Министерството за олеснување на евакуацијата на странски државјани во Грција поради шумските пожари.