– Во рамките на Вевчанското културно лето вечер во Домот на културата во Вевчани, Интимен театар Битола ќе ја изведе претставата „Пратеникот“.
Режијата е на Софија Ристевска Петрушева, а играат: Катерина Аневска Дранговска, Валентин Дамчевски и Борис Богдановски.
Претставата е направена по пиесата „Народен пратеник” од Бранислав Нушиќ, а говори за љубовта во време на либерален капитализам.
Составена е од два дела. Првиот зборува за општеството, личните проблеми, човекот, хуманизацијата, феминизмот, чувствата на маргинализираните лица и дали има еднакви права за сите.
Вториот дел, пак, е љубовна и социјална приказна за двајца кои се сакаат, но не можат да избегаат еден од друг, бидејќи во исто време општеството ги притиска, како и најразличните социјални и емоционални проблеми.
Манифестацијата Вевчанско културно лето продолжува во петок со промоција на стихозбирката „Тајнописец“ на Верица Мукоска.