Проф. Цицонков: Клима уреди заради климатските промени

risto_ciconkov_001
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Како последица од климатските промени се јавуваат топлински бранови со многу високи температури на воздухот. Тие влијаат на здравјето на луѓето, така што многу граѓани размислуваат како да ги ладат просториите во својот дом. Најчесто решаваат да купат клима уред т.н. сплит систем. Зборот “сплит“ нема врска со градот Сплит на Јадранско море, туку тој доаѓа од англискиот збор “split” што значи одвоен. Сплит системот се состои од надворешна единица и внатрешна единица, значи тие се одвоени. Кај нас се одомаќини клима уредот да се нарекува кратко само “клима“.

 


Би сакал да кажам дека решението со (единечен) клима уред сплит систем е наједноставно и најефтино, но дали е и најсоодветно решение? Треба да се разгледаат следниве можни случаи и потреби: дали покрај ладење треба и греење на просторот? Дали се работи за една или повеќе простории? Дали е стан во индивидуална куќа или во станбена зграда со повеќе станови? Каква е намената на просториите, станбена, канцелариска или друго? Дали се работи за угостителски објект, хотел итн.?

 

Ако треба да се климатизираат две до пет простории, не мора за секоја просторија да се инсталира посебен клима уред. Можно е решение со т.н. мулти-сплит систем, односно една надворешна единица и две или повеќе внатрешни единици.

Предности на овој систем се:

– Можно е да се инсталираат различни внатрешни единици во различни простории (ѕидни, подни, тавански). Можете да избере единица која е погодна за секоја конкретна просторија.

– Во секоја просторија можете да поставите сопствена температура на ладење, да создадете своја сопствена микроклима. На пример, во детската соба се поставува повисока, а во кујната  пониска температура.

– Фасадата не е оптоварена со многу надворешни единици, а со тоа архитектурата не е многу нарушена.

– Кај мулти-сплит само една надворешна единица прави бучава.

 

Недостатоци кај мулти-сплит системот:

– Ако надворешната единица се расипе, тогаш сите внатрешни единици нема да работат.

– Во секоја просторија можете да изберете различна температура, но сите внатрешни единици ќе работат само во еден режим, само ладење или само греење.

– Инсталирањето на мулти-сплит системот е комплексна работа која треба да ја реализираат специјалисти обучени за таа работа.

 

За згради во кои има голем број на простории, како на пример во административни и разни јавни институции, можна е примена на т.н. VRF систем кој што се состои од една надворешна единица и голем број внатрешни единици (10 до 64 и повеќе). Овој систем има свои предности и недостатоци, но овде нема да се задржам на негово објаснување, а потенцијалните корисници терба да се обратат до фирми кои се специјализирани да проектираат и изведуваат вакви системи. За објекти со голем број на простории постои и решение со централно ладење со ладилна машина која лади вода и со помош на пумпа и цевководен развод ладната вода циркулира во вентилаторски конвектори во просториите.

 

Заради зголемување на енергетската ефикасност на клима уредите, како и за фина регулација, последниве години се вградува инвертер. Тоа е направа со која се овозможува континуирана промена на бројот на вртежи на елктромоторот на компресорот во клима уредот според потребниот капацитет во дадениот момент. Познато е дека при стартување електромоторот повлекува многу поголема моќност од мрежата и тоа може да биде причина за евентуален дефект. Инвертерот овозможува “лесен“ старт со што се зголемува сигурноста на работата на електромоторот.

 

Во РМ постои закон за енергетска ефикасност според кој на сите електрични апарати, вклучувајќи ги и клима уредите, мора да има залепено етикета со која се означува класата на енергетска ефикасност на производот. Постои скала од А до G, а најдобра е класата А која е означена и со зелена боја.

 

Пред околу 30 години се појавија на пазарот клима уреди кои во зимскиот период можат да работат и во режим на греење. Во таков случај клима уредот работи како топлинска пумпа. Во тоа време тие клима уреди се користеа за загревање на просториите во преодните периоди, односно на почеток или на крај на грејната сезона (кога системот на градска топлификација не работи), и кога надворешната температура е над -5оС. Но со текот на времето дојде до значително усовршување на клима уредите во режимот на работа за греење. Грејниот фактор е 4 до 5, а тоа значи дека за 1 kWh потрошена електрична енергија се добива 4 до 5 kWh топлинска енергија. Сезонскиот греен фактор е уште поголем (над 5), а тука допринесува и инвертер технологијата. И уште нешто, денешните клима уреди можат да работат во режимот за греење и кога надворешната температура е -20оС. Од пред неколку години се случува пресврт, граѓаните купуваат клима уреди (инвертери) претежно за греење, а ладењето на просториите е со второстепено значење.

 

Според Меѓународната агенција за енергија (IEA), иднината на греењето на просториите ќе се базира на топлинските пумпи бидејќи се исфлаат од употреба фосилните горива (гас, нафта и јаглен). Во некоја следна прилика ќе пишувам подетално за нив.

 

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK