– Аргентинската фудбалска ѕвезда Лионел Меси го постигна дебитантскиот гол во дресот на Интер Мајами, запишувајќи се во листата на стрелци во 94 минута од слободен удар за триумф на својот нов клуб.
Во Форт Лодердејл, во Флорида, Интер синоќа со 2-1 го победи мексикански Круз Азул во натпревар од тамошниот Лига куп, новоформирано натпреварување во кое учествуваат екипи од американската МЛС и од мексиканската лига.
Меси пред овој натпревар имаше само три тренинзи во својот нов клуб, а дебитантскиот настап го почна влегувајќи на теренот од клупата за резерви во 54 минута.
„Повторно имам страст и желба за фудбал. Сакам со сите сили да му помогнам на мојот клуб на патот кон успесите“, рече 36-годишниот Меси, кого на овој натпревар дојдоа да го гледаат бројни американски спортски ѕвезди. На трибините, меѓу другите, беа Леброн Џејмс и Серена Вилијамс.