Преку европскиот механизам за цивилна заштита и rescEU и по побараната помош од грчка страна за справување со шумските пожари, и Кипар и Хрватска испратија воздушни средства во Грција, а Бугарија копнени сили, јави дописничката на МИА од Атина.
Како што соопштија од Министерството за цивилна заштита и климатски кризи на Грција, земјата вчера упатила дополнително барање за воздушна помош, па така Кипар испратил два авиони Αir Τractor, а Хрватска еден Канадер CL-415, додека пак Бугарија помага со пешадиски тим од 50 пожарникари и десет возила.
По првото грчко барање во земјата веќе се четири Канадери, по два од Италија и Франција, испратени исто така преку механизмот на ЕУ, додека пак по барањето за пешадиски тима и возила, Словачка испрати 31 пожарникар со 15 противпожарни возила, Романија 40 пожарникари и пет возила , а дополнително ќе испрати уште 50 пожарникари со десет возила, а помош пристигна и од Малта. Во текот на денешниот ден се очекува во Атина да бидат и 149 пожарникари и 49 возила од Полска. Помош со воздушни средства Грција доби и на билатерално ниво од Израел и Јордан. Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, преку официјалниот Твитер профил се заблагодари за помошта до Грција.
-Благодарни сме им на сите земји кои испратија помош за борбата со шумските пожари. Вашиот придонес беше непроценлив. Во тешки времиња, нашата Унија е заедно во солидарноста. Ви благодарам, напиша Мицотакис на Твитер. Паралелно ѝ се заблагодари на секоја држава посебно за испратената помош. Во Грција досега, помош испратија 11 земји, од кои девет се од Европската Унија.