– Украина ги повика сите земји членки на ОН одлучно да побараат Русија да продолжи да учествува во меѓународниот договор за житото и да ги прекине „Игрите на глад“.
Москва одби да го продолжи договорот потпишан минатата година во Истанбул со кој се дозволува Украина да го извезува своето жито преку Црното Море, а истече на 17 јули.
„Ниту една земја во светот нема право да ја уништи глобалната безбедност на храната. Резултатот ќе биде повторно зголемување на цените“, се наведува во денешното соопштение на Амбасадата на Украина во Њујорк. Во соопштението се нагласува дека Украина останува лојална на своите обврски и потсетува дека Иницијативата за црноморско жито се состои од два договори, едниот потпишан меѓу ОН, Турција и Русија, а другиот меѓу ОН, Турција и Украина.
Русија го прекрши својот дел од договорот со ОН и Турција. Украинскиот дел од договорот останува на сила, се додава во соопштението.
Во соопштението се наведува и дека Украина веќе испратила официјални писма до претседателот на Турција и до генералниот секретар на ОН со предлог за продолжување на Црноморската иницијатива за жито или нејзиниот аналог во трипартитен формат.
„Можеме да постигнеме глобална безбедност на храната дури и без Русија, доколку Москва одлучи да прибегне кон уцена… Нема да дозволиме Русија да ја користи храната како оружје, а за тоа треба да заземеме цврст заеднички став“, додава амбасадата.
Во соопштението се наведува дека „Украина, ОН и Турција заедно можат да обезбедат функционирање на коридорите за храна и инспекција на бродовите“ и ги повикува сите земји-членки на ОН „да ги поддржат овие напори и да обезбедат заштита на животот – не само во Украина, туку и во целиот свет – од Мароко до Кина, од Индонезија до Либан“.