Западен Балкан, самитот на НАТО, Украина и ситуацијата во Источен Медитеран во фокусот на средбата Герпетритис- Столтенберг

gerapetritis-stoltenberg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Разменивме мислења за ситуацијата на Западен Балкан и за загрижувачките случувања на терен и ја истакнавме потребата од брза деескалација на тензичната ситуација во Косово и зајакнување на улогата на ЕУЛЕКС, рече министерот за надворешни работи на Грција Јоргос Герапетритис на почетокот на изјавата по средбата со генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, јави дописничката на МИА од Атина.

Герапетритис и Столтенберг се сретнаа утрово во седиштето на Алијансата, што воедно беше и нивна прва работна средба откако шефот на грчката дипломатија ја презеде функцијата по изборите во земјата.


Министерот за надворешни работи на Грција рече дека разговорите биле во конструктивна атмосфера, станало збор и за самитот на НАТО во Вилнус, а лично тој, и како шеф на дипломатијата, но и како професор го изразил „цврстиот став на Грција за потребата да се почитуваат меѓународното право и меѓународните договори“.

-Нагласив дека е од најголема важност, при донесувањето одлуки за набавка на одбранбена опрема на земјите- членки на НАТО, да се осигура дека опремата на НАТО не се користи против сојузниците на НАТО. Посебно укажав на потребата при донесувањето на одлуките во НАТО да се одржува балансиран пристап што ќе ги зема предвид чувствителностите на сите сојузници, истакна Герапетритис.

Со Столтенберг разговарале и за Украина како и за случувањата во Источниот Медитеран, а шефот на грчката дипломатија посочил дека НАТО треба да посвети повеќе внимание на случувањата во јужното соседство, на Блискиот Исток и Источниот Медитеран.

-Во тој контекст се осврнав на продлабочувањето на односите ЕУ-НАТО, нагласувајќи дека неопходен услов е целосното учество на Кипар во оваа соработка. Ова е од особено значење, особено денеска, 20 јули, кога е црната годишнина од турската инвазија на Кипар, додаде Герапетритис.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK