Македонската музичка експедиција на хорот и оркестарот од ООУ „Кузман Јосифовски Питу“, настапија на 11-тиот Интернационален фестивал на народни песни и ора, насловен под мотото: „Претстави ја својата традиција“.
-Овие наши талентирани ученици, беа вистински млади културни амбасадори на својата земја, претставувајќи ги македонските традиционални обичаи и народни песни на два одржани концерта. Со детска раздраганост и ведрина, хорот и оркестарот изнудија аплаузи на централниот плоштад во Монтекатини Терме, каде се слушнаа познатите македонски изворни песни „Јовано Јованке“ и „Македонско девојче“, а ги прикажаа и обредните (обичајни) песни од народната македонска лирика „Водичарки“ и „Невестинска песна“, соопштиja од училиштето.
Во публиката беа и Македонци од околните италијански гратчиња, специјално беа дојдени за да им дадат поддршка на нашите ученици, а самата атмосфера направи да запеат заедно со македонскиот хор. Се вееше македонското знаме на улиците на Монтекатини, како официјален симбол на нашата делегација, заедно со Македонците во публиката. На фестивалот учествува културно-уметнички друштва, музички групи од повеќе земји: Турција, Бугарија, Словачка, Полска, Литванија, Естонија, Израел и Ирска.