– Претставниците на опозицијата во Косово сметаат дека односите меѓу Косово и Албанија се на најниската точка во историјата, пренесува РТВ21.
Ова се случи по одлуката на косовскиот премиер Албин Курти да не патува во Тирана на подготвителниот состанок на Берлинскиот процес на покана на неговиот албански колега Еди Рама.
Ферат Шаља од Демократската партија на Косово смета дека главен виновник за слабеењето на односите со Албанија е Курти, кој, како што наведе, е виновен и за изолацијата на Косово по „серијата неуспеси во односите со сојузниците“.
– Не можеме да го разбереме овој однос, ниту идеолошкиот јаз, ниту курсот на оваа власт, која не оддалечува од САД и Европската унија. Ние веќе имаме целосно замрзнати политички и дипломатски односи со матичната земја, што сериозно го нарушува имиџот на државата Косово, имиџот на нашиот народ. Индивидуалните каприци и лидерските амбиции на оваа влада го направија Косово изолирано во целиот регионален политички и економски спектар, рече Шаља.
Паљ Љекај, пратеник на Алијансата за иднината на Косово, вели дека Курти не може да ги дели односите меѓу Косово и Албанија.
– Односите меѓу Косово и Албанија се на најниската можна точка и тоа не придонесува, особено во ситуација кога тоа се две земји како Косово и Албанија, затоа што имаме многу заеднички работи и во никој случај ниту еден премиер не смее да се осмели да ги прекине односите меѓу Албанија и Косово, затоа што сме еден народ, една крв и еден јазик. Инаетот на премиерот Курти не доведе до оваа ситуација да ги прекинеме односите со меѓународниот фактор, а посебно со Албанија, рече Љекај.
Од друга страна, аналитичарот Фидан Укај за РТВ21 посочува дека односите меѓу Косово и Албанија никогаш не биле на добро ниво, но оти по доаѓањето на Курти на власт има уште поизразено заладување.
– Односите со Албанија не беа постојано добри, премиерот Рама немаше многу добри односи со премиерот на Косово, но во зависност од разликите меѓу премиерите, немавме точка на заладување до степен до кој е сега. Одбивањето средби со премиерот Рама, неодењето на Курти на неформална вечера, како што беше случај, не придонесува за зближување на двете влади, релаксација на односите и единствената застапеност на двете држави на меѓународната сцена, или дури за големата помош што Албанија му ја пружи на Косово во земји каде што не можеше да биде претставено, рече Укај.
Косовскиот премиер Албин Курти неодамна не се сретна со Еди Рам во Приштина, откако во јуни беше откажана заедничката седница на двете влади што требаше да се одржи во Ѓаковица. Курти ја одби и поканата на Рама да учествува на самитот во Тирана во рамките на Берлинскиот процес.