– Создаваме европски услови за живот на граѓаните, овде, во државата и ја поврзуваме Република Северна Македонија со Европа, а пример за посветеноста е експресниот пат што се гради од Дреново до Клучката Градско, дел од коридорот 10-д, рече премиерот Димитар Ковачевски, кој денеска со амбасадорот на Европската Унија во земјава, Дејвид Гир, како и министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Ејуп Рустеми, беше на увид на работите на изградбата на делницата.
Делницата на експресниот пат од Дреново до клучка Градско, нагласи Ковачевски, практично се спојува со еден од најфреквентните патни правци во земјава, Градско – Прилеп. Со тоа, додаде, ги поврзува источниот и западниот дел на државата,а обезбедуваме комуникација и кон север и кон југ.
– Неговата изградба, затоа, е од големо значење за подигнувањето на нивото на безбедноста во сообраќајот во овој регион. А како дел од паневропскиот Коридор 10, односно крак 10 – д, патот од Дреново до клучка Градско, влегува и на картата на европската патна мрежа, посочи премиерот Ковачевски.
Станува збор за современ експресен пат, со мостови, клучки, надвозници, подвозници, одводнување, во должина од 15,5 километри, што е финансиран, во најголем дел, со пари од европските ИПА фондови.
Според Ковачевски, над 21 милион евра европски пари се вложени во изградбата на овој пат и над 3,5 милиони евра државни пари. Реализацијата на изведбата е 75 проценти, а во моментов се разгледува можноста за дофинансирање на околу 9,8 милиони евра, исто така од европската ИПА структура, со цел проектот да се комплетира во првите месеци од следната година, какви што се проценките од надлежните за проектот.
– Како Влада имаме поддршка од нашите европски партнери, во нашите искрени напори да осигураме европски стандарди тука, како и да ја внесеме државата во ЕУ. Европската Унија е убедливо најголемиот донатор на Западен Балкан, како и во нашата држава за исклучително важни проекти како што е овој пат на кој сме денеска, рече Ковачевски.
Преку ИПА програмата, досега, во земјава, за модернизација на инфраструктурата и развој се вложени околу милијарда евра неповратни средства. ИПА 3 програмата (2021-2027) е веќе започната. Проектираните средства за 2021, 2022 и 2023 година се во вкупен износ од околу 243 милиони евра. Во тек е програмирањето за 2024 година на финансиски средства со износ од 80 милиони евра.
Европски пари се вложени во повеќе области: преку ИПАРД 2 програмата – 60 милиони евра; зголемени средствата за 62 процента и доделени нови, неповратни 97 милиони евра на располагање преку ИПАРД 3 програмата за модернизација на македонското земјоделство; нови 100 милиони евра доделени од Европската комисија за макрофинансиска помош за Северна Македонија; 160 милиони евра за Северна Македонија од финансискиот пакет од 3 милијарди евра што го предложи Европската комисија за десет партнери од проширувањето и соседството, за да помогне во ублажувањето на економските последици од пандемијата; грант од 80 милиони евра за справување со енергетската криза.
– Јасно видлива е разликата на времето кога државата беше во меѓународна изолација и граѓаните тонеа во сиромаштија и денес, кога сме членка на НАТО и одиме по јасен европски пат. Имаме рекорден број инвестиции, нови работни места и рекордно намалување на невработеноста, повисоки плати, пензии, највисока историска минимална плата, највисока историска просечна плата, три пати поголема социјална помош, како и најголема историска државна помош за домашните компании како за одржување на ликвидноста, така и за нови инвестиции во компаниите. Сите можат да се уверат што значи да се има европската поддршка во развојот и солидарноста и кога сме по европскиот пат. Таа поддршка ќе продолжи, со многу повеќе средства, преку нови програми и фондови, кога ќе станеме членка на Унијата, нагласи премиерот Ковачевски.
Ковачевски оцени дека ја имаме неповторливата шанса до 2030 година да станеме полноправна членка на ЕУ!
– Во меѓувреме, со тоа што ќе продолжиме со нови чекори напред по европскиот пат, ќе ни бидат достапни и бенефитите од новите чекори од ЕУ кон Западен Балкан. Нов план за раст на Западен Балкан веќе најави претседателката на Европската комисија, Фон дер Лајен. Тоа значи можност за пристап до единствениот пазар на ЕУ – пазар со околу 500 милиони луѓе и отворени врати за соработка и бизнис што ќе ни овозможат забрзан развој. Значи длабока регионална економска интеграција и зголемување на претпристапните средства. И должност на сите е сега, кога европскиот фокус кон нас е најголем досега, да не ги попречи од дома перспективите, туку да ги осигураме конечно европските перспективи на граѓаните, на младите и на нашата држава, рече Ковачевски.
Евроамбасадорот Дејвид Гир, истакна дека Европската Унија ќе продолжи да вложува во економскиот развој и во просперитетот на државата.
– Целта на поддршката од Европската Унија е Република Северна Македонија да се спреми на стане полноправна членка и да ги ужива придобивките од членството во ЕУ. Да има пристап во поголеми ресурси, рече амбасадорот Гир.
Според него, делницата на експресниот пат Градско-Дреново е голема инвестиција и со многу придобивки. Досега, подвлече, околу 40 милиона евра, и тоа најмногу од Европската Унија.
– Кога ќе биде во функција патот, ќе обезбеди побезбеден транспорт по критичната оска Север-југ за оваа земја и за целиот регион, олеснувања за меѓународната трговија, промовирање на економскиот развој, работни места и подобрување на животот на илјадници граѓани кои редовно ја користат оваа рута. Но, секако, многу работа на сите нас ни претстои. Навистина е потребна и голема решителност од надлежните власти и од изведувачите за да може граѓаните наскоро да почнат да го користат овој пат. ЕУ има направено значителни инвестиции во секторот транспорт во оваа земја. Од 2007 година ЕУ има финансирано во изградба на околу 100 километри автопатна мрежа, рече амбасадорот Гир при денешниот увид на работите на делницата Градско-Дреново.