Костадиновска-Стојчевска: Секојдневно да ја поттикнуваме љубовта на децата кон книгата

stojcevska_kostadinovska_3453454343
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

– Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска и министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска денеска ја посетија градинката „Детска радост“ – објект „Сончоглед“ во Автокоманда, Општина Гази Баба, при што им читаа сликовници на дечињата и разговараа со нив.

− Детската библиотека во градинката ја збогативме со нови сликовници кои се поддржани од Министерството за култура. Децата се иднината на светот, тие се полни со знаење, креативност, фантазија. Тие се љубопитни чисти души кои сакаат да откриваат нови светови, а книгите се најголемото богатство. Чувме мудри, искрени одговори од дечињата, кои споделија со нас зошто сакаат приказни, кој најмногу сакаат да им чита, која е нашата азбука, како се вика нашиот јазик и друго, истакна министерката Костадиновска-Стојчевска.



Таа, меѓу другото, кажа дека нема дете коешто не сака сликовница и дека денеска заедно уживале во сликовниците од македонски автори, кои со својата креативност и иновативност се вистински ремек-дела.

− Пред 10 години издавачите се жалеа дека е загрижувачки мал бројот на наши автори на сликовници и воопшто на книги за деца и млади и дека затоа се принудени да преведуваат странски автори или да препечатуваат стари изданија само колку да има наши автори. Таа слабост ја увиде и Министерството за култура и, за среќа, во последниве три години состојбата се менува. Во меѓувреме се појавија и нови генерации, кои со својот талент и страст целосно се посветија на оживување на овој битен сегмент од литературата. Имаме прекрасни умни писатели за деца, имаме уште поумни дечиња. Тоа е комбинација за чиста петка, која со цело срце ја заслужува нашата поддршка, додаде Костадиновска-Стојчевска.

Таа посочи дека имаат сериозна задача и заедничка одговорност, пред сѐ да создадат услови за читање, да се развие културата на читање и секојдневно да се поттикнува љубовта на децата кон книгата и да им се вкорени ставот дека без разлика на сите нови модерни алатки, незаменливо е чувството кога држите книга в рака.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK