„Македоника литера“ ја објави новелата „Во главата на Бруно Шулц“ на современиот германски писател Максим Билер. Преводот од германски на македонски јазик е на Софија Поповска.
„Во главата на Бруно Шулц“ досега е преведена на 15 јазици. Ова е првото дело на Максим Билер преведено на македонски јазик.
„Македоника литера“ соопшти дека се работи за брилијантно напишано литературно дело, полно со црн хумор. Во оваа новела Билер раскажува приказна за големиот еврејски писател Бруно Шулц, кој работи како гимназиски професор по уметност и сонува за писателска слава во Европа.
Максим Билер (1960) е наградуван писател, белетрист, новинар, колумнист, литературен критичар и денес најпознатиот еврејски интелектуалец во Германија. Приврзан е за традициите на централноевропското, а посебно на еврејското творештво.Неговите текстови често ги отвораат прашањата за припадноста, идентитетот, семејството и љубовта, вината, антисемитизмот и наследството на нацисоцијализмот.
Преводот на ова дело беше поддржан од книжевната мрежа ТРАДУКИ.