Во организација на Македонското друштво „Илинден”- Тирана вечер ќе биде промовиран фотоалбумот „Народни носии на македонското национално малцинство во Република Албанија”.
– Ги покануваме Македонците, како и други заинтересирани, да дојдат на промоцијата што ќе се одржи во 18 часот во павилјонот „Реја“, пред Национална галерија во центарот на Тирана, каде се одржуваа многу културни настани. Ова е многу значајно нешто, со кое трајно останува вистината за нашата традиционална македонска носија и нашето вековно постоење во многу делови на Албанија, рече за МИА Никола Ѓурѓај, претседател на Друштвото и автор на фотоалбумот.
Исто така, додава Ѓурѓај, се дава можност со „нашата преубава носија да се запознаат и другите”.
Поставени се 12 фотографии и кај секоја од нив на македонски и на албански јазик стои кусо објаснување за носијата.
Печатењето на албумот е реализирано со поддршка на албанскиот владин комитет за национални малцинства.