Блупринт групата за реформи во правосудството реагира на изборите во Судскиот совет и во Советот на јавни обвинители

sud-sudenje
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Минатава седмица Советот на јавни обвинители на РСМ изврши избор на јавни обвинители во неколку јавни обвинителства, а се спроведоа и избори на два членови на Судскиот совет на РСМ од редот на судиите. Блупринт групата за реформи во правосудството ги следеше двата процеса и за жал повторно ги забележавме хроничните системски слабости кои постојано ја поткопуваат довербата на граѓаните во овие две клучни тела на правосудството во државата. Сметаме дека е неопходно да укажеме на овие проблеми и да побараме од членовите на овие тела како и од сите клучни чинители да преземат мерки
за нивно надминување.

1. Отсуството на законски уреден цензус (минимален број на судии кои треба да гласат за изборите да се сметаат за успешни) и пропуштањето да се уреди видот на мнозинството неопходно за избор, го подриваат легитимитетот на изборниот процес на член на Советот;


На 13 јули 2023 се одржаа избори за два члена на Судскиот совет на РСМ од редот на судиите. Резултатите од спроведените избори од листата на кандидати од Врховниот суд на РСМ ја покажаа уште еднаш вградената системска слабост во моделот за избор на членови на Судскиот совет. За кандидатот кој беше избран, гласот го дале само шест судии од вкупно 16 судии запишани во Судскиот изборен именик во овој суд. На изборите гласале 13 судии од кои мнозинството (седум) дале неважечки гласачки ливчиња. Ваквиот начин на произнесување на судиите од овој суд можеме да сметаме дека е еден вид на бојкот на изборите. Мнозинството од судиите на Врховниот суд не го поддржа кандидатот. Со ова оправдано се наметнува прашањето за легитимитетот на изборот на членот имајќи предвид дека мнозинството од судиите кои излегле на гласање не го дале својот глас за избраниот кандидат.

Оваа системска слабост произлегува од Законот за Судскиот совет на РСМ. Во него ниту е предвиден задолжителен цензус кој треба да се исполни за да се сметаат изборите за успешни, ниту пак е дефинирано мнозинството кое одреден кандидат/ка треба да го исполни за да се смета за избран/а. Овие два елементи се суштествени за да се обезбеди легитимитет на избраните лица. Оттаму, сметаме дека потребна е законска интервенција во овој дел како би се овозможил легитимен процес на изборот на кандидати согласно волјата на мнозинството кои го даваат својот глас. Укажуваме дека е неопходна сеопфатна реформа во условите и постапката за избор на членовите на Судскиот совет со цел да се
превенираат вакви случаи во иднина. Членовите кои се избираат од редот на судиите треба да добијат легитимитет од своите колеги преку определување на изборен цензус и дефинирање на мнозинството кое е неопходно за кандидатот/ката да биде избран/а. Од друга страна членовите кои ги избира од редот на Собранието кои се истакнати правници, покрај редефинирање на терминот, предлагаме да се избираат во јавна и транспарентна постапка, со јавно интервју пред работните тела на Собранието и можност за вклучување на академската и стручната јавност како и граѓанскиот сектор во процесот.

2. Изборот на јавните обвинители и понатаму се врши без образложение за причините за изборот и отсуство на дискусија со што се доведува во прашање транспарентноста на процесот;

Во однос на извршените избори на јавни обвинители на седницата на Советот на Јавни обвинители на РСМ одржана на 12 јули 2023, би сакале да посочиме дека на седницата бea претставени кандидатите за јавни обвинители преку презентирање на нивната биографија и движење во кариерата. Самите членови при гласањето не се впуштија во дискусија и образлагање зошто го даваат односно не го даваат својот глас за одреден кандидат, посебно кога има повеќе кандидати пријавени на избор. Тоа образлагање е уште повеќе потребно особено кога не избраните кандидати немаат право на приговор каков што е предвиден во постапката за избор на членови на Советот на јавни обвинители и на Основен
јавен обвинител во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Како позитивна ја истакнуваме практиката на членовите на Советот на јавни обвинители да гласаат за сите кандидати, односно да ја исцрпат кандидатската листа иако претходно некои кандидати ги добиле сите гласови од страна на членовите на Советот.

Но, може да се констатира дека отсуствуваше дискусија од страна на членовите на Советот на јавни обвинители за секој кандидат поединечно при нивен избор односно не избор. Воедно, во духот на транспарентноста неопходно е да се нотира дека на веб страницата на Советот на јавни обвинители не беа објавени сите кандидатски листиВо таа насока, упатуваме дека Советот потребно е да ја зајакне својата транспарентност и да ги објавува навремено сите кандидатски листи со цел да не се остави простор за сомнеж поради селективно објавување. Воедно, на оваа седница можевме да констатираме дека голем дел од членовите гласаа воздржано за предложените кандидати без објаснување за таквиот
чин што остава простор за различно толкување за таквото постапување. Начинот на гласање не е уреден во Деловникот на Советот на јавни обвинители, па оттаму не е дефинирано што всушност означува гласот „воздржан”.

Со цел зголемување на транспарентноста и отчетноста во работата на Советот на јавни обвинители, особено кога се врши избор на јавни обвинители, потребно е членовите на Советот да покажат поголема отвореност и во насока на поддршка на кандидатите за јавни обвинители за кого гласаат, да го презентираат нивното искуство, квалитетите кои ги поседуваат, совесност, професионалност, морални и етички вредности, работата на сложени предмети и слично и на тој начин да потврдат од кои причини гласаат за или против предложените кандидати.

Македонско здружение на млади правници (МЗМП)
Институт за европска политика (ЕПИ)
Институт за човекови права (ИЧП)
Коалиција „Сите за правично судење“ (КСПС)
Хелсиншки комитет за човекови права
Центар за правни истражувања и анализи (ЦПИА)

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK