Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски изјави дека ВМРО-ДПМНЕ е против носење на законите за солидарност, за ДДВ и за данок на добивка бидејќи, како што кажа, тие не значат борба со сивата економија и не значи дека со нивно донесување ќе започне наплата од страна на граѓаните и компаниите кои не плаќаат даноци.
-Треба граѓаните да знаат дека ова се закони за оние кои се лојални граѓани на државата и плаќаат даноци. Ова не се закони што ќе бидат борба против сивата економија и ќе ги побараат оние граѓани и правни субјекти кои не плаќале даноци. Тие што плаќале со овие даноци ќе плаќаат повеќе, изјави тој.
Мицкоски посочи дека со измени на законот за ДДВ граѓаните ќе плаќаат поскапа електрична енергија бидејќи досегашниот данок од 5 проценти се враќа на 18 проценти.
-Граѓаните со измените на законот за ДДВ ќе плаќаат поскапа струја бидејќи повластена стапка од 5 проценти се враќа на 18 проценти. Тука ќе ги ставам и пелетите како средство за затоплување на домовите бидејќи за неколку месеци од денес ќе почне грејната сезона, и наместо да имаме еколошки енергенс ние повторно ќе треба да импровизираме и повторно да ја загадуваме околината. Персоналниот данок директно го афектира спортот и финансирањето и помагањето на спортот и спортските клубови. А солидарноста која што е дел од законот за солидарност како што ја замислиле практично претставува директен удар на бизнисот, оној бизнис кој што е лојален на државата и плаќа даноци, да плаќа повеќе. А оној бизнис кој што не плаќа на државата, тогаш тој бизнис нема да биде афектиран, односно и понатаму ќе продолжи да не плаќа. Е од прилика ова е даночната реформа, рече Мицкоски.
Владата на СДСМ и ДУИ со зголемување на даноците обвини тој, сака да го полни буџетот за потоа „да го празни на тендери во четири очи“.
-Затоа јас апелирам и затоа беше ВМРО-ДПМНЕ против. Затоа што ние наместо да ги поддржиме тие лојални граѓани и компании кои што плаќаат и да најдеме начин да ги помогнеме, ние дополнително сега ги оптоваруваме, дециден е Мицкоски.