Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, во рамки на проектот „Безбедно лето 2023” денеска оствари средба со раководствата на Регионалниот центар за гранични работи Запад, Секторот за внатрешни работи Охрид и Одделението за внатрешни работи Струга.
Тој се запозна со безбедносната состојба на подрачјето, за состојбите со криминалитетот, како и за активностите што се преземаат за намалување на стапката на криминалитет во приоритетните области, одржување поволен јавен ред и мир, безбеден патен сообраќај и превенција.
Согласно презентираните показатели, безбедносната состојба на подрачјето во надлежност на овие организациони единици на МВР е стабилна без индиции истата да биде нарушена, што е особено важно за граѓаните од овој дел, но и во рамки на генералната безбедносна оценка за државата.
Бројот туристи пред самиот ек на туристичката сезона е зголемен за 40 проценти – престој на странци до три месеци, годинава таа бројка изнесува 50817 лица, со истиот период минатата година кога таа бројка изнесуваше 36843. Протокот на патници на граничните премини што спаѓаат во склоп на РЦ Запад споредбено со истиот период од минатата година бележи зголемување за 16 проценти односно регистрирани се 1.527.153 влез/излези, наспроти минатата година кога бројката беше 1.320.304 патници.
Во делот на илегалната миграција се бележи намалување на илегални преминување на нашата граница. Откриени се 36 лица при обид за незаконско преминување на државната граница од кои четворица од Мароко , тројца од Сирија, двајца Палестинци, двајца Холанѓани и 25 лица од Албанија.
Вкупниот криминал на подрачјето на СВР Охрид изминатите пет месеци од 2023 година, споредбено со истиот период претходната година, бележи намалување за 22 проценти.
Во делот на тешките кражби оваа година се бележи намалување на тој вид пријавени кривични дела за 38 проценти, споредбено со истиот период лани.
Класичниот криминал на територија на СВР Охрид во првите пет месеци од 2023 година бележи намалување 20 проценти.
Исто така, забележано е намалување и во делот на економскиот криминал каде годинава во споредба со првите пет месеци од минатата имаме намалување за цели 38 проценти на територија на СВР Охрид.
Позитивен тренд се бележи и во областа на сообраќајот, со намалување на бројот сообраќајни незгоди.
Од страна на СВР Охрид во првите пет месеци во текот на 2023 година реализирани се 52 настани за превенција.
На подрачјето на ОВР Струга во првите пет месеци од 2023 година компаративно со истиот период лани забележано е 28-процентно намалување на вкупниот број регистрирани кривични дела. Во областа на класичниот криминалитет пак оваа година имаме намалување за 31 отсто.
На крајот од средбата министерот Спасовски изрази уверување дека колегите од РЦ Запад, СВР Охрид и ОВР Струга и во наредниот период ќе продолжат со зголемен интензитет при реализацијата како на превентивните активности, така и на репресивните мерки, а со единствена цел – подигнување на безбедноста и заштита на граѓаните.