ОН: Во судирот во Судан раселени се околу 3,1 милиона лица

sudan
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Поради неколкумесечениот конфликт во Судан од своите домови протерани се околу 3,1 милиона лица, вклучувајќи и повеќе од 700.000 кои побегнаа во соседните земји, соопштија денеска Обединетите нации (ОН). Поради сето ова постои се поголема загриженост дека земјата се лизга во „отворена граѓанска војна“.

Египет досега примил најголем број бегалци, повеќе од 255.500, потоа Чад со повеќе од 238.000 и Јужен Судан со околу 160.800, соопшти Меѓународната организација за миграција (ИОМ).


Над 62.000 лица побегнале во Етиопија, повеќе од 16.700 во Централноафриканската Република и околу 3.000 во Либија, се додава во соопштението.

ИОМ прецизира дека повеќе од 72 отсто од раселените се од Картум и околу девет отсто од провинцијата Западен Дарфур, каде имаше најголема концентрација на судирите.

ИОМ наведува дека 65 отсто од оние што побегнале во соседните земји се државјани на Судан, додека останатите се странци и бегалци кои биле принудени да се вратат во своите матични земји.

Конфликтот ги претвори Картум и другите урбани области во боишта.

Според жителите и активистите, по избувнувањето на конфликтот членовите на паравоените сили ги зазеле куќите на луѓето и другиот цивилен имот. Исто така, има извештаи за широко распространето уништување и грабежи низ Картум и Омдурман.

ОН додаваат дека регионот Дарфур го доживеа најлошото насилство во конфликтот, при што борбите се претворија во етнички судири.

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, во текот на викендот предупреди дека земјата е на работ на „отворена граѓанска војна“. На регионален состанок минатата недела беше претставена идејата за распоредување војници во Судан за заштита на цивилите. Меѓутоа, суданската влада го одбија предлогот за распоредување странски трупи и соопштија дека сите странски сили на територијата на Судан ќе се сметаат за „агресори“.

Конфликтот во Судан избувна во средината на април по неколкумесечна тензија меѓу генералот Абдел Фатах Бурхан и неговиот ривал генерал Мохамед Хамдан Дагало, командант на паравоените сили за брза поддршка (РСФ).

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK