Поради високите температури и претстојната портокалова фаза во земјава, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) им препорачува на сопствениците на домашни миленици да се придржуваат до основните правила за да спречат несакани последици од топлотен удар. Воедно потсетува дека во ризик се и животните на фарма, кои, исто така, може да претрпат стрес.
Според АХВ, милениците не треба да се оставаат во затворен автомобил кој е директно изложен на сонце.
-Да се избегнуваат прошетки на домашните миленици во текот на најтоплиот период од денот, на животните да им се обезбеди доволна количина и постојана достапност до свежа и чиста вода, да се обезбеди престој во проветрени простории, наведува АХВ.
Агенцијата потсетува дека порастот на температурите над 30 степени целзиусови и за домашните животни е голем стрес што може да се манифестира со намалено консумирање храна, зголемена потреба за вода, намалено производство на млеко и слаб прираст.
-Висок процент влага и недоволна вентилација во објектите може да биде причина за појава на топлотен удар кај животните, а сончаницата се појавува како последица на непосредно, директно изложување на сонце. Во двата случаи исходот може да биде фатален доколку не се делува на време. Напорната работа или транспортот на животните при високи температури, дополнително придонесува за влошување на состојбата. Забрзано и плитко дишење, несигурно одење – (тетеравење), изразена зголемена телесна температура, забрзан пулс, исплашен поглед, зголемена жед, тикови и грчеви на мускулите кои се јавуваат на крај, со неповолна прогноза, се дел од симптомите по кои може да се препознаат топлотниот удар и сончаницата кај животните за што е неопходна итна реакција, истакнува АХВ.
Согласно препораките, во вакви услови животното треба да се смести во ладовина или во разладена просторија, каде има доволно количество на воздух, да му се даде доволна количина свежа вода. Телесната температура треба да се намали со туширање/прскање со умерено ладна вода или со покривање на главата и вратот со ладна и влажна крпа, но, треба да се внимава ладењето на животното да не биде премногу брзо.
-За да се обезбедат соодветни услови за животните при високи температури потребно е да се внимава и на населеноста (густината) на сместување на животните во објектите. Животните треба да бидат заштитени од директните дејства на сончевите зрачења, односно на испустите потребно е да има настрешници или природни ладовини. Излегувањето на животните да се врши во раните утрински или вечерните часови, периоди кога треба да се организира транспортот на животните или тие да се користат во работни активности, бидејќи тогаш температурите се пониски, дополнува АХВ.
Препораките се објавени на официјалната страница на Агенцијата за храна и ветеринарство.