Советот на Општина Кочани на денешната редовна седница не даде согласност за покачување на цените на водата за пиење од градскиот водовод и на услугите за собирање, одведување и пречистување на отпадните води.
Отфрлањето на одлуките од Управниот одбор на КЈП „Водовод“ за просечен пораст на цените од 30 отсто се повтори како и на седницата од пред еден месец, кога истите барања не беа изгласани.
И покрај координациите на советничките групи, на две последователни седници без никакви измени се ставаат исти точки на дневен ред, што наиде на реакција кај советниците.
-На претходната седница имаше образложение за точките, но тие не беа изгласани. Зошто сега повторно се ставени и дали е законска процедурата да се оди по втор, трет или четврти пат, односно дали ако не ги изгласаме точките, тие повторно ќе се најдат на дневен ред, праша советникот Ивица Лазаров.
Слично како и на претходната седница, од раководството на „Водовод“ кратко информираа дека барањето за поскапување на дел од услугите е во рамки на законската процедура.
-Ова е предлог на Регулаторната комисија за енергетика, има рамка, но најдолната тарифа е помала од сегашната, така што ова се нивни препораки, истакна директорот на „Водовод“, Антонијо Паунов.
Никој од советниците не гласаше за барањата за поскапување на услугите на комуналното претпријатие според кои водоснабдувањето требаше да се покачи за околу десет отсто за домаќинствата, односно 13,3 отсто за правните лица. За собирањето и одведувањето на отпадните води за домаќинствата се бараше драстично зголемување од 60, а за правните лица од 75 отсто.