Министерство за правда: Судскиот совет пет месеци не презема мерки за утврдување на одговорност на вд претседателот на Основниот суд Куманово

ministerstvo-pravda
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

И покрај укажувањата и писмените дописи за констатирани неправилности во работата на Основниот суд Куманово, Судскиот совет одолговлекува и не постапува по Извештајот кој е изготвен од нивна страна и јавно објавен на веб-страницата на Советот, информираат од Министерството за правда.

Според министерството, Судскиот совет бил во работна посета на Основниот суд Куманово на 1 февруари годинава и подготвил извештај каде се констатирани низа нарушувања на угледот на судиската функција, направени се груби повреди на начелото на недискриминација по било која основа, користење на несоодветен вокабулар, навреди и омаловажувања на вработените од страна на в.д претседателот на судот како и злоупотреба на АКМИС системот, кое, според нив, во голема мера влијае на односите и работењето на судот.


Дополнуваат дека министерот за правда, Кренар Лога, на 11 април испратил писмен допис до Судскиот совет во кој се бара преземање на соодветни мерки или дејствија по однос на констатираните наводи, а особено заради тоа што разгледувањето на Извештајот било на дневниот ред на седница на Судскиот совет одржана на 13 март.

– Во Извештајот се наведени и злоупотреби на АКМИС системот, исклучување на одредени судии од автоматската распределба на предмети. Од увидот на предметите во работната група констатирано е долго траење и одолговлекување на постапката, неуредно и неажурно верификување на предметите во АКМИС системот, дополнуваат оттаму.

Од Судскиот совет, како што наведуваат, добиле известување на 12 април дека дописот е доставен на запознавање и понатамошна надлежност и постапување до координаторот за следење на работата на Основниот суд Куманово, членот на Советот, Ханиф Зендели.

– Одговор не беше добиен, по што министерот за правда, Кренар Лога,  на 22 јуни испрати повторно до Судскиот совет УРГЕНЦИЈА за постапување по барањето за состојбите констатирани во Извештајот. Од изнесените 8 точки, 7 се однесуваат на состојбите во судот за констатирани нарушени меѓучовечки односи и некоректен однос на ВД претседателот на судот кон одредени вработени АКМИС системот, стои во соопштението од Министерството за правда..

Заменик претседателот на Судскиот совет, Ханиф Зендели, како што посочуваат, им доставил одговор на 29 јуни.

– На 29 јуни од страна на Заменик претседателот на Судскиот совет, Ханиф Зендели, доставен беше одговор дека е изготвен дополнителен извештај кој е потребно да се разгледа на седница на Судскиот совет по што ќе нѐ информираат за констатираната состојба, велат оттаму.

Од Министерството за правда го повикуваат Судскиот совет да постапи согласно своите надлежности, бидејќи, како што наведуваат, неказнувањето на вакви случаи ќе доведе до дополнително нарушување на угледот на Советот, а со тоа и намалување на довербата во правосудството.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK